Групацијата „Сава“ лани остварила оперативен приход од 753,6 милиони евра, што е за 2,9 отсто повеќе од претходната година. Нето добивката е намалена за 10,4 отсто, на 68,2 милиони евра.
Како што пишува компанијата, иако добивка е намалена, сепак за 13,7 отсто ги надминала проекциите. Главна причина за помалиот профит на групацијата се, велат, повисоките трошоци за осигурување на имот во Словенија. „Овој пад од 10,4% во однос на минатогодишниот рекорден профит беше очекуван поради зголемената фреквенција на штети откако ефектите од пандемијата стивнаа и возачите се вратија на патиштата. За ова придонесе и инфлација на штети и поголеми штети поради повреди“, стои во дел од соопштението објавено на Љубљанската берза. Посочуваат и дека минатата година се соочиле со потешки геополитички и економски услови на глобално ниво.
Бруто премиите се зголемени за 6,1 отсто на 774,1 милиони евра. Растот на премиите во сегментот на неживотно и реосигурување е уште поголем, делумно како резултат на повисоките цени поради инфлацијата.
„И делот од осигурувањето на живот ја надмина планираната премија, но не го достигна обемот од претходната година само поради екстремно високата продажба во Словенија минатата година. Дополнително, групацијата оствари висок раст на премијата од 17,5 отсто кај животното осигурување во странство, што е израз на зајакнување и на продажните канали на банките и на сопствената продажна мрежа“, пишуваат оттаму.
Вредноста на инвестициското портфолио е намалено од 1,58 милијарди евра на 1,42 милијарди евра, што Сава го припишува пред сѐ на неповолните услови на финансиските пазари. Со тоа се намали и вишокот на ревалоризација во капиталот. „И покрај ваквата сметководствена ревалоризација, очекуваме дека портфолиото на обврзници нема да прикаже загуби на доспевање“, потенцираат оттаму.
Профитабилноста на инвестициското портфолио изнесува 1,3%, што е пониска од профитабилноста од претходната година и од планот. Ова се припишува на инвестициските трошоци, кои се вреднуваат по објективна вредност преку билансот на успех.
Според компанијата, тие ги постигнале своите цели во стратешкиот период 2020-2022 година. Преку органскиот раст и преземањето на Вита, тие за три години ги зголемија приходите за 28 отсто и остварија просечен поврат на капиталот од 14,7 отсто.