„АД Македонија осигурување“ поднесе предлог за стечај на „АД Баргала“

Штипската фирма „АД Баргала“ е пред згаснување, затоа што две фирми, „Комерцијална Банка“ и „АД Македонија Осигурување“, заедно со група вработени, до штипскиот Основен суд, поднеле предлог за отварање на стечајна постапка на штипската фирма „АД Баргала“. Иако денешното рочиште не донесе одлука за покренување стечајна постапка, голема е веројатноста дека тоа ќе се случи на 8 мај, за кога е одложено рочиштето на барање на адвокатот на А.Д Баргала, Сашко Бошков.

Првата причина за одложување на рочиштето според Бошков е тоа што во наодите од последното вештачење биле изоставени податоци за уплати извршени на шести јуни 2022, со што биле доставени несоодветни информации. Овој предлог не беше прифатен од страна на судијата, па рочиштето се одложи поради вториот предлог кој беше образложен со потребата од дополнително време за да може должникот да се произнесе по доставените докази од „Комерцијална банка“ како еден од барателите за покренување на стечајната постапка.

Од денешното судско рочиште и изнесените материјални докази, „АД Баргала“ на „Комерцијална банка“ должи 195.838.657 денари и 281.086 евра или вкупно околу 3 милиони евра. Долгот кон „АД Македонија Осигурување“ изнесува околу 5 милиони денари. Долгот кон вработените т.е групата на вработени кои уште пред две години доставија барање за покренување на стечајна постапка, не е утврден зошто, како штобеше кажано на рочиштето, Синдикатот и претставникот на вработените не успеале да ја достават информацијата, а во меѓувреме како што информираа стечајниот управник Пепи Санев и адвокатот Бошков, биле извршени уплати за вработените.