„Алианц“ и „Минхен Ре“ нема повеќе да го осигуруваат „Северен тек 1“

Германските осигурителни компании „Алианц“ и „Минхен Ре“ немаат намера на крајот на годината да ги обноват полисите осигурување nа гасоводот „Северен тек 1“, преку кој рускиот гас пристигна во Европа.

Гасоводот е во сопственост на конзорциум со седиште во Швајцарија, чии членови се руски „Газпром“, со 51 отсто, и германските „Винтершал“ и „Е.ОН“, француската „Енџи“ и холандската „Гасуние“. „Полисата ќе истече на крајот на 2023 година и во моментов не е закажана за обновување, а ‘Алианц’ нема намера да ја обнови“, велат тие.

„Полисата беше реосигурана пред руската инвазија на Украина, за период од две години, а ние сме обврзани со договорни обврски кон нашите осигуреници, во согласност со сите санкции“, соопштија тие. Деталите од договорот се доверливи, потенцираат од германската компанија. Извори за Ројтерс, оваа недела изјавија дека „Алианц“ и „Минхен Ре“ и некои британски осигурителни компании го обновиле осигурувањето за оштетениот гасовод „Северен тек 1“.

Упатени извори во секторот проценуваат дека некои осигурителни компании од „Лојд’с“ ги раскинале договорите за осигурување кои требаше да бидат продолжени на крајот на минатата година. „Северен тек 1“ беше оштетен во септември со експлозии. И покрај сомневањата за саботажа, резултатите од истрагата не се познати.