АСО: За само еден месец граѓани наплатиле еден милион евра од осигурување на живот

Во првите седум месеци годинава компаниите за осигурување живот исплатиле 494 милиони денари (8 мил.евра) на осигуреници или на лица кои биле носители на правата од полисите за осигурување живот

Петте компании за осигурување живот само за јули годинава исплатија 62,4 милиони денари (1 мил.евра) на свои осигуреници или на носители на правото за обештетување. Износот на исплатените средства за штети покриени со осигурување живот во јули е за 19 отсто повисок од истиот месец минатата година. Средствата се исплатени заради: смрт на осигуреник, доживување или за прекин на договор за осигурување со штедна или со инвестициска компонента, покажуваат прелиминарните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување ги доставија осигурителните друштва.

Најголемо учество во исплатените средства во јули имаат договорите за осигурување живот со штедна компонента. Во јули осигуреници наплатиле 50,3 милиони денари (818.000 евра) од овој тип на осигурување. Овој осигурителен производ покрај осигурување живот нуди можност по истек на рокот на договорот осигуреникот да ги добие вложените средства зголемени за камата. Овој осигурителен производ овозможува дел од каматата на средствата кои осигурителната компанија, ги прибира од осигуреницитеги вложува во безризични инвестициски инструменти како што се депозити или обврзници, да се вратат како принос на осигурениците. Заради тоа и овој тип на осигурување живот се нарекува осигурување со учество во добивката.

Осигурителните компании во јули исплатиле 6,3 милиони денари (102.000 евра) на семејства или носители на правото за исплата на штета во смртни случаи на лица кои го осигурале својот живот. Овој тип на осигурување не вклучува учество во добивка што значи дека е осигуран само ризикот смрт и доколку не се случи во договорениот временски период за кој важи осигурувањето, вложените средства ги задржува осигурителната компанија со која е склучен договорот.

Кај најновиот тип на осигурување живот на нашиот пазар популарно познат под називот јунит-линкд осигурување компаниите во јули исплатиле 5,56 милиони денари (90.000 евра). Овој производ покрај осигурување живот нуди и вложување на дел од парите во хартии од вредност со кои се тргува на светските берзи. Токму заради тоа што осигуреникот избира во какви хартии од вредност ќе се вложат неговите средства кај овој тип на осигурување ризикот од вложувањето е на товар на осигуреникот.

Во сите типови на осигурување живот во јули граѓаните вложиле вкупно 64,5 милиони денари (1,05 мил.евра). Повеќе од половина од вкупниот износ на вложени средства се однесуваат на полиси со кои е осигуран само ризикот смрт и кои не носат право на учество во добивката. Во првите седум месеци годинава граѓаните во осигурување живот вложиле 1,21 милијарди денари 20 милиони евра).

АСО во рамки на своите надлежности се грижи да обезбеди проверка на усогласеноста на применетите деловни политики на вреднување на обврските, како и видовите на вложувања и вреднувањето на средствата на друштвата за осигурување. Друштвата за осигурување во континуитет се усогласени со овие законски барања.