Летните бури во Словенија и поширокиот регион негативно ќе се одразат на работењето на словенечките осигурителни друштва, „Триглав“ и „Сава Ре“.
Засега не можат да ја проценат висината на штетата, но како што истакнуваат и двете осигурителни компании се финансиски стабилни и доволно ликвидни. Им порачуваат на осигурениците прво да се погрижат за сопствената безбедност, па дури потоа да ја пријават штетата.
Словенија во јуни и јули беше погодена од силно невреме со ветер и град, а на почетокот на август обилните дождови предизвикаа поплави во поголемиот дел од земјата.
Како што велат во „Триглав“, конечната проценка на материјалната штета што ја претрпеле нејзините клиенти ќе се знае откако ќе се смири времето и кога ќе биде можна постапката за попис и проценка на штетите.
Групацијата Триглав оценува дека нивото на нејзините масовни штети во 2023 година значително ќе отстапи од долгорочниот просек. „Ова негативно ќе се одрази врз реализацијата на планираниот годишен резултат на групацијата, кој ќе биде ограничен поради соодветната реосигурителна заштита. Групацијата Триглав останува финансиски стабилна, соодветно ликвидна и добро капитализирана“, пишуваат во соопштението.
Слично тврдат и во „Сава Ре“: „Осигурителната групација ‘Сава’ има доволна ликвидност за штети предизвикани од природни катастрофи и склучени се соодветни реосигурителни покритија кои обезбедуваат навремена исплата на штетите на нашите осигуреници и зачувување на солидна финансиска состојба“.
И во втората по големина осигурителна групација во земјава велат дека настанатата штета ќе се проценува дури кога состојбата конечно ќе се смири. Тие во моментов проценуваат дека влијанието на минатите настани врз деловните резултати на групацијата ќе биде во опсег од 20 до 25 милиони евра.
Влијанието на побарувањата што „Сава Ре“ ќе ги покрие како резултат на прифатениот бизнис со реосигурување надвор од групата се очекува главно на австрискиот, хрватскиот и српскиот пазар. „Засега не може да се даде проценета сума на штети, но проценуваме дека влијанието ќе биде помало од материјалното влијание на штетите во Словенија“, напишаа оттаму.