УНИКА објави дека се повлекува од рускиот осигурителен пазар

УНИКА објави дека го продава својот удел од 75% во руската компанија „Рајфајзен Лајф“ на руската осигурителна компанија „Ренесанс Лајф“, заедно со „АО Рајфајзенбанк“, која припаѓа на меѓународната групација „Рајфајзен банк“ и ги поседува преостанатите 25% од акциите.

„Во голема мера ги запревме сите нови деловни операции во Русија веднаш по почетокот на војната и исто така се воздржавме од дополнителни инвестиции. Работејќи заедно со нашиот партнер за заедничко вложување „АО Рајфајзенбанк“, минатата година ги испитавме сите опции во ова опкружување, кое е исто така сложено од правен аспект. Сега го правиме последниот логичен чекор со продажба на нашата руска подружница, која е одговорна за значително помалку од еден процент од приходите на Групацијата и затоа одигра мала улога во нашето портфолио. Ова значи дека се повлекуваме од Русија“, рече Волфганг Киндл, член на Управниот одбор за клиенти и пазари интернешенел.

Продажбата е предмет на процедурите и ограничувањата наметнати од руските власти и исто така е предмет на сите регулаторни одобренија. Страните се согласија да ја задржат доверлива цената на стекнувањето.

Во октомври 2022 година, „Ројтерс” објави изјава на Андреас Брандштетер дека УНИКА „ја разгледува можноста за целосно излегување од Русија“.

„Сакаме да излеземе, но ова ќе потрае уште малку време“, рече Андреас Брандштетер на конференцијата „Гевинмесе“ за акционери во Виена, цитирана од „Ројтерс“.