MONEYVAL: Системот за лиценцирање на АСО ги исполнува меѓународните стандарди за борба против перење пари и финансирање тероризам

Комитетот на експерти „Манивал“ (MONEYVAL) на Совет на Европа за спречување на перење пари и финансирање на тероризам оцени дека системот за лиценцирање и супервизија на Агенцијата за супервизија за осигурување (АСО) има значително подобрување од последната евалуација во 2014 година и ги исполнува меѓународните стандарди за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот, информира денеска во соопштение АСО.

Во Извештајот  е истакнато значењето на супервизијата заснована на ризици, како и соработката со надлежните државни органи.

Значаен придонес кон позитивната оценка, објаснува АСО, имаат и актите, анализите и проценките донесени од страна на Агенцијата и спроведените обуки за зголемување на ефикасноста во работењето на друштвата за осигурување и посредниците кои продаваат полиси за животно осигурување.

Во Извештајот на „Манивал“ позитивно се оценети и високата свесност и ефикасноста на друштвата за осигурување на живот во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот.

Од АСО истакнуваат дека ваквата оценка е резултат на долгорочни, постојани и сеопфатни напори за унапредување на регулаторната рамка и спроведување на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Извештајот за нашата земја беше усвоен  на 65-тата пленарна седница на „Манивал“ одржана на крајот на мај.

Во Извештајот дадена е позитивна оценка и за целокупната поставеност на системот за спречување перење пари и финансирањето на тероризмот, што може позитивно да влијае врз рејтингот на друштвата за осигурување на живот, а претставува и признание за напорите и прогресот на АСО како финансиски регулатор.

Како резултат на двогодишен процес на евалуација во повеќе фази, извештајот за Северна Македонија беше разгледуван и усвоен на 65 пленарна седница на Комитетот на експерти (MONEYVAL) на Совет на Европа за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Во рамки на целокупниот процес во кој учествуваа АСО и друштвата за осигурување на живот, Комитетот MONEYVAL изготви сеопфатна проценка за нивото на усогласеност на земјата со меѓународните стандарди на Работната група за финансиска акција (ФАТФ).