Осигурителниот пазар во изминатата 2022-ра година повторно забележал двоцифрен пораст (13,68%) на бруто полисираната премија во однос на 2021-ва година. Рекорден пораст е забележан во деловната линија за животно осигурување, каде БПП достигнала 2,276 милијарди денари, што споредено со БПП од 2021-ва година, е за 40% повеќе. Кај пазарната распределба продолжува трднот на намалување на процентуалното учество на „Корација“ и „Граве“ за сметка на растот кој го имаат „Уника живот“, „Триглав живот“ и „Винер живот“.
И покрај големиот скок на премијата на полисите за животно осигурување, неживотното осигурување продолжува да е доминантна линија на пазарот, со процентуален удел од 82,19% (12М2021: 82,79%). На нешто повеќе од 1,7 милиони склучени договори, полисирана е бруто премија од 10,51 милијарди денари, што е за 9,15% повеќе во однос на 2021-ва година. Како и во доменот за животно осигурување, така и во секторот за неживотно осигурување, дел од компаниите ги остварија планираните резултати, а дел веќе прават анализи каде можеа подобро. Двоцифрено процентуално учество во вкупната премија имаат четири компании на врвот на рангирањето по овој параметар „Тргилав“, „Уника А.Д“, „Еуролинк“ и „Сава“. Сите компании, учесници на пазарот за нежитвотно осигурување, полисирале поголема бруто премија, со исклучок на „Халк“, која минатата година полисирала за 3,71% помала БПП во однос на 2021-ва година.
Најобемна класа по волумен на премија и понатаму е задолжителното авотмобилско осигурување, каде најуспешна повторно била „Уника А.Д.“ со 121.917 склучени договори (12,9% од вкупниот број АО полиси) и БПП од 681,07 милиони денари (13,1% од вкупната АО премија).
Зголемен волумен на премија, во нормални услови, носи и зголемен волумен на штети. Изминатата 2022-ра година исплатени се вкупно 107 615 побарувања за штети (12М2021: 83 338), од кои 103 130 се од полиси за неживотно осигурување, а 4 485 се од полиси за животно осигурување. Вкупната бруто исплатена штета е 5,1 милијарди денари, што е за половина милијарда повеќе од исплатените штети во 2021-ва година.